Колку е убаво кога браќата живеат заедно

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!


 

Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно. Тоа е како миро врз главата што се лее по брадата, брадата Аронова, што се лее по полите од одеждата негова, како роса Ермонска, која паѓа на горите Сионски, зашто таму Господ дал благослов и живот вечен...

(Псалм 132)

Драги браќа и сестри,

Навистина е убаво и мило кога живееме заедно како браќа сплотени и собрани на Литургија во овој храм, во заедница, во која народот заедно со нас – свештенството ја преставуваме живата Црква Христова, која по својата суштина е литургична, а самиот нејзин живот е евхаристиски. Сите ние заедно, како заедница собрана во Божјото име, присутна да Му заблагодари на Бога за сите знајни и незнајни добрини – ја преставуваме и сочинуваме Божјата црква, во која невидливо е присутен и Самиот наш Бог и Спасител, за што сведочи и во Евангелието, каде вели: „ Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“ (Матеј 18,20).

Ние денес тука сме и повеќе присутни да го прославиме патронот на овој храм, преподобниот отец наш Прохор Пчински, кој се подвизувал во нашите краишта, поточно во Нагоричанската и Козјачката пустина, а се открил на светот во време на владеењето на благочестивиот цар Диоген, кој царувал од 1067 до 1071 година. Неговите родители Јован и Ана побожно живееле во Овчеполскиот крај. Тие биле тажни, бидејќи немале деца. Горејќи од желба за деца, тие усрдно се молеле на Бога и давале многу милостина на сиромашните и на црквата. И Господ погледна на нивните молитви и милостини и им дарувал утеха и голема радост: Ана зачнала во староста и родила син, кој на крштението го добил името Прохор. Тој на осум години започнал да учи и просветлуван од Духот Божји многу напредувал во учењето и со тоа многу ги радувал своите родители. Кога постанал полнолетен неговите родители размислувале да го оженат својот син единец, за да добијат наследник, но преподобниот несакал да се окова со светските окови, бидејќи неговата душа се стремеше кон небото и срцето негово го љубеше Бога над сите красоти светски и земски работи. Горејќи од племена љубов кон Бога, ја засакал и црквата и нејзиното богослужение и секој ден одел на молитва. Тоа било најслатка храна за неговата побожна душа. Слушајќи ги зборовите на Господа Исуса Христа од Евангелието: „ Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10,37) и „ кој ме љуби Мене, нека го земе крстот свој и нека врви по Мене“ (Матеј 16,34) – Прохор одлучил да го остави светот и сите светски убавини, па целосно да се посвети на Бога. Излегувајќи од црквата, каде ги слушал овие Господови зборови, го раздал целиот свој имот на сиромашните и отишол во пустина, пеејќи заедно со пророкот Давид: „ Душата моја жеднее за силниот и живиот Бог. Како што срната жеднее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе (Псалм 41, 2,1).

Доаѓајќи во Нагоричката пустина, Прохор нашол мала пештера и покрај неа мал извор на вода, па тука се населил и почнал да се подвизува. Храната му се состоела од трева и разни растенија и таа ја земал само еднаш во три дена. Со молитва, пак, секогаш ја нахранувал својата душа. Живеејќи на таков начин, преподобниот поминал во пустината 32 години и за тоа време не видел човечко лице, а се дружел само со ѕверовите кои го посетувале. По Божја промисла, преподобниот се сретнал со некој човек по име Диоген, кој на чуден начин стигнал до пештерата на преподобниот, кој му прорекол дека ќе го изберат за цар. И пророштвото на светиот старец се исполнило, а Диоген, пак не ја исполнил заповедта од преподобниот и не се навраќал да ги гледа своите стари облеки. После цели триесет години, старецот му се јавил на сон и му рекол „ Зошто Диогене, ги заборави своите облеки, а и мене, старецот? Погрижи се да ми издигнеш макар и малечок храм“ . Откако се разбудил царот, сакајќи да ја исполни желбата на старецот заминал во пустината во која го пронашол, но таму не успеал да го пронајди, бидејќи преподобниот отец се преселил на планината Козјак, каде поживеал уште триесет години во пост и молитва. Неможејќи да го најди местото, каде што почиваат неговите свети мошти, царот најнапред подигнал храм во Нагоричино, а откако на чудесен начин ги пронашол моштите ги пренел во изградениот храм, но тие три пати се враќале во пештерата на планината Козјак, па царот во тоа ја видел желбата на светиот отец Прохор и тој наредил да се подигне нов храм на реката Пчиња, каде до ден денес почиваат неговите нераспадливи и чудотворни мошти.

Почитувани верници,

Зарем е потребно нешто друго да се каже, секој збор е ништожен пред личниот пример, кој ни е даден во личноста на светиот преподобен и пустиножителен отец наш Прохор Пчински, кој целокупниот свој живот го поминал во пост и молитва. Тој ги всадил во своето срце, евангелските Христови зборови, кои сите ние денес ги слушнавме од денешното евангелие. Блаженствата се сржта на целиот христијански живот и единствен вистински пример за наше духовно усовршување. Нив во целост ги исполнал вашиот патрон заштитник светиот Прохор Пчински, кој од љубов кон Христа се оддалечил во пештера, прославувајќи го Бога. Вие имате пример достоен за следење, помошник во совршувањето и во борбата со искушенијата. Победата над искушенијата ни е гарант за наше осветување, а не само крштението без учество во литургискиот живот, кој го зазема централното место во духовниот живот и опит на Православната црква.

Затоа да учествувате во светата Литургија, во вистинската заедница, бидејќи целото Божјо создание, целиот свет е замислен и е создаден од Бога како едно големо домостроителство во Христа, „ домостроителство на благодатта“ . Согласно со зборовите на светиот апостол Павле, сѐ што е создадено од Бога треба да стане една заедница, да стане црква, која е Тело Христово и живеалиште на Отецот и Светиот Дух (сп. Еф. 1,22-23; 2,21-22). Да се вградите во црковната општина, околу својот епископ и свештеник, зашто таму каде што е епископот, таму е и црквата.

Ја користам оваа прилика лично на сите Вам и на Вашиот ценет епископ, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Европски г. Пимен да ви се заблагодарам за топлото гостопримство во вашиот втор дом надвор од Татковината, овде во Пјаченца, Италија.

Господ Бог, по молитвите на нашиот денешен славеник, светиот преподобен отец наш Прохор Пчински да ја преумножи духовната радост во нашите души и сите да станеме едно „ благословено царство“ на Отецот и Синот и Светиот Дух, царството на „ благодатта на нашиот Господ Исус Христос и на љубовта на Бога Отецот и зедницата на Светиот Дух.

Амин.

Нека е за многу години!